Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Охридските стрелци повторно на пиедестал на Меѓународен турнир во Скопје

Скопје/Охрид, 28. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридските стрелци со забележителни резултати на 18-от традиционален меѓународен натпревар во гаѓање со огнено оружје – голем калибар, како и малокалибарна пушка со оптички нишан.

Учество зедоа повеќе над 100 стрелци од државата и надвор од неа, а организатор на натпреварот беше Mакедонската спортска стрелачка федерација.

Стрелците на ЖСК „Лихнидос” се натпреваруваа во три дисциплини и тоа пиштол и револвер на 25 метри како и малокалибарна пушка со оптички нишан на 100 метри.

Во поединечен пласман во дисциплината гаѓање со пиштол на 25 метри-мажи Велибор Балоски се пласира на третата позиција со резултат од 91 круг. Кај жените овајпат и појде од рака на младата Милица Кочовска (јуниорка) која исто така се пласира на третата позиција со резултат од 84 кругови.

– Успехот е дотолку поголем бидејќи овие позиции досега во принцип беа „резервирани” за припадниците на посебните единици САЕ-ТИГАР, ЕБР, АРМ, што покажува дека нашите стрелци можат рамо до рамо да се борат за место на пиедесталот и со врвните единици во нашата земја, велат од клубот.

И во екипен пласман во дисциплината револвер на 25 метри второ место за екипата на ЖСК „Лихнидос” во мешан состав: Велибор Балоски, Валентина Гоџоска и Лазар Кочовски со резултат од 240 кругови. На третата позиција во екипен пласман-жени во дисциплината пиштол 25 метри повторно се пласира екипата на ЖСК „Лихнидос” во состав Валентина Гоџоска, Душанка Минева и Милица Кочовска со резултат од 197 кругови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука