Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Преподобен Теодор Осветен

Охрид, 29. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат споменот на Преподобен Теодор Осветен.

Ученик на свети Пахомиј. Роден и воспитан како незнабожец, но како млад дојде до познание на вистинската вера, се крсти и кога чу за свети Пахомиј, побегна во манастирот тајно од своите родители. Свети Пахомиј го замонаши и го засака заради неговата необична ревност и послушност. Кога дојде мајка му да го вика да се врати назад, тој не сакаше да ѝ се јави, туку се молеше на Бога за неа, за да ја просветли и неа со вистината.

И навистина, мајката не само што не го врати син ѝ дома туку и самата не се врати: го виде во близина женскиот манастир со којшто управуваше сестра му на Пахомиј, стапи во него и се замонаши. По извесно време дојде во манастирот и брат му на Теодор, Пафнутиј, па и тој се замонаши. Еднаш се случи епископот на градот Панопол го повика Пахомиј да уреди манастир за многубројните коишто го сакаа монашкиот живот. Пахомиј го зеде со себе Теодор и главно нему му ја предаде должноста околу устројувањето на манастирот.

По смртта на свети Пахомиј, Теодор стана игумен на сите манастири на Пахомиј и поживеа благоугодно до длабока старост, управувајќи со мноштво монаси на патот кон спасението. Се упокои мирно и се пресели во царството на вечната светлина во 368 година.

Тропар

Ликуваат монашките лица, се радуваат христијанските срца, насекаде каде се споменува твојот труд и твоето име о Теодоре, ученику Пахомиев, Христос Спасителот те надари со дар на расудување, за да спознаеш дека без Него ништо не си, моли Го Него, о учителе на послушанието, да нe избави од мудрувањето телесно и дарува спасение на душите наши. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука