Избор Спорт

Трет хуманитарен турнир Street Basket 3х3 „Од деца за деца“ Охрид 2024

Охрид, 5. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 8-ми јуни 2024 година, во просториите на игралиштето на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид ќе се одржи Третиот хуманитарен турнир Street Basket 3х3 „Од деца за деца“ Охрид 2024.

Организаторите испраќаат покана до сите деца на возраст од 9 до 15 години да се пријават, без никаков надомест да играат, да се забавуваат во духот на хуманоста. Ги повикуваат и сите заинтересирани фирми и граѓани со свои расположливи ресурси, хуманитарно да се приклучат на иницијативата, која ќе допринесе до подобрување на условите на деца со попреченост и аутистични деца.

– Oва е трет ваков хуманитарен турнир кој прераснува во една убава традиција, како одлична можност за децата на возраст од 9 до 15 години од Охрид и пошироко, да се дружат, спортуваат и го развиваат хуманитарниот дух. Турнирот ќе се игра на 8-ми јуни на игралиштето на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, во систем по групи, а потоа ќе следи вкрстување и нокаут рунда. На турнирот ќе настапуваат деца од три категории и тоа: прва категорија за деца до 9 годишна возраст, втора категорија од 10-11 годишна возраст, трета категорија за деца од 12-13 годишна возраст и четврта категорија за деца од 14-15 годишна возраст. Сите заинтересирани треба да состават своја екипа од три лица, во која можат да учествуваат машки и женски екипи или екипи со мешан состав, без никаков надомест, информираат организаторите.

Пријавувањето на екипите може да се врши на телефонски број 076/953-885, а сите собрани средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели и традиционално во Центарот за аутизам во Охрид. За најуспешните три екипи се обезбедени вредни награди од главниот покровител на настанот, а секој учесник ќе добие капа и маичка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука