Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Трето наоѓање на главата на свети Јован Крстител

Охрид, 7. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават празникот Трето наоѓање на главата на свети Јован Крстител.

Во времето на прогонството на светиот Јован Златоуст, главата на свети Јован Крстител беше пренесена во градот Емеса. Оттаму, во времето на нападот на Сарацените таа беше пренесена во градот Комане (каде што беше прогонет светиот Јован Златоуст) и во времето на иконоборството, во 8 век, таа беше сокриена во земја. Кога престана иконоборството, на патријархот Игнатиј за време на ноќна молитва му беше откриено, во видение, местото каде што е скриена чесната глава на светиот Јован Претеча.

Патријархот му кажа за тоа на императорот Михаил, кој испрати луѓе во Комане, и ја најдоа, според видението на патријархот, во 850 година. Потоа чесната глава на Свети Јован беше пренесена во Цариград и положена во придворната царска црква, на 25-ти мај.

Дел од чесната глава денес се наоѓа на Света Гора.

Тропар

Пророче и Претечо, Христос ни ја откри твојата глава како божествена ризница скриена во земјата. Затоа, собрани сите во денот на нејзиното наоѓање, со песни богогласни Го воспеваме Спасителот, Кој не спасува од распадливоста со твоите молитви.

Кондак

Оној што во овој свет е светлоносен и божествен столб, Светилник на Сонцето – Претечата, кој својата божествена и светлоносна глава и’ ја покажа на целата земја, тој ги осветува оние што со вера се поклонуваат и повикуваат: Христов премудар Крстителу, спаси не сите нас. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука