Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Новата приказна на Стефанија „Да раширам крилја“ снимена на „Голем Град“, единствениот македонски остров (Видео)

Охрид, 7. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Битолската џез и поп пејачка Стефанија Милевска го сними четвртиот музички спот од приказната на „Девојчето со долгата коса“, според истоимениот албум кој беше промовиран на крајот од 2023 година.

„Да раширам крилја“ е фениксот кој се издигнува од пепелта, музичко-танцова, аудио-визуелна и модна рефлексија на Стефанија, за спознатата слобода која ги става на пиедестал исконската љубов, вистината и среќата. Силата која ги шири крилјата е Божјата верба, која всушност носи до состојба на детска радост и безгрижност.

– Кадрите од волшебните пејсажи се снимани на единствениот македонски остров во природно езеро, „Голем Град“ кој се наѓа во Преспанското езеро и е од големо културно-историско значење. Дивината, птиците, дрвото Фоја и желките доминираат во самото видео, но иако е наречен „Змиски остров“ не беа забележани змии за време на снимањето. Видеозаписот го снима Владимир Бошковски, режија и монтажа прави Стефанија. Сите уникатни костими кои ги носи Стефанија се дело на нејзината мајка, модна дизајнерка Анастасија Зулевска (Анастасија Центар). Песната е авторска музика и текст, дело на Стефанија и е снимана во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World. Претходно направениот аранжман на Петар Димитровски, добива нов аранжман од Стефанија, збогатен со гитарските звуци на Владимир Враниќ, а нов микс и целосен мастеринг прави Владимир Аговски, информираат од тимот на Стефанија.

Идејата на албумот „Девојчето со долгата коса“ е откривање на себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност. Со акцентирање на детето, кое прераснува во возрасна и свесна личност, повторно се враќаме на основните и суштински детски потреби и вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Тие водат кон подигнување на свеста и осознавање на духовната слобода. Емотивните состојби во кои поминува една личност во порцесот на себеосвестување, падови и возвишувања, се пренесени преку текстовите на Стефанија. Таа има за цел на овој начин да ја подигнува свеста и да провоцира основни прашања кон себеспознавањето. Да акцентира колку еден човек е важен да се пронајде и открие себеси, па така на позитивен начин да влијае на колективната свест. Се претставува како комплетен артист, пренесувајќи посебен однос кон сцената на современиот македонски уметник. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука