Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Со 88 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за реорганизација на министерствата

Скопје, 8. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“, Собранието на Република Македонија на расправата која траеше од 02:30 часот по полноќ го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.

Во дискусијата, која во два наврати беше прекинувана со паузи од по еден час, а на барање на пратеникот на Левица, Борислав Кромов, во најголем дел говореа пратениците од сега опозициската СДСМ кои предупредија дека со оваа реорганизација на министерствата не се прави реформа, туку дека таа е политички мотивирана за задолволување на потребите на новата владината коалиција. Како што кажаа, законот се носи без претходна анализа и дебата и со него менува 31 член од актуелниот закон, а не се предвидува колкава ќе биде финансиската импликација од ваквото решение.

Предлог-законското решение жестоко го критикуваа и пратениците на Левица, Реџеп Исмаил, Борислав Крмов и претседателот на партијата Димитар Апасиев. Пратениците од опозицијата еден по еден излегуваа на говорница критикувајќи го ваковото законско решение и начинот на кој се носи, по скратена постапка, потенцирајќи на крајот од своите обраќања дека ќе гласаат против.

Пратеникот и претседател на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски во неговото обраќање рече дека Законот се носи не за да се зголеми ефикасноста на органите на државната управа, туку поради политички пазар.

– Првото прашање кое се наметнува за законот е практично дали се работи за измени кои се мотивирани од желбата за зголемување на ефикасноста на државната управа или се мотивирани од желбата за политички пазарења за полесно креирање на владина коалиција и коалиција за носење на други закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Јасно е дека се работи за второто. Овој процес е мотивиран единствено за политички пазар и коалицирање, рече Ковачевски.

Претходно вчера со мнозинство од 74 гласа „за“, 24 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на пленарна седница одобрија предлог-законот за изменување да се носи по скратена постапка. (Крај)

извор: 360 степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука