Избор Македонија Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Охридските боксери Наум Стојаноски и Енис Алиу ќе настапат на Меѓународниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“ во Куманово

Охрид, 11. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридските боксери Наум Стојаноски и Енис Алиу од охридскиот клуб „Алексо Огненовски“ ќе настапат на Меѓународниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, кој во петок и сабота, на 14-ти и 15-ти јуни 2024 година, ќе се одржи во Спортската сала на Средното училиште „Перо Наков“ во Куманово.

Станува збор за четвртото издание на меморијалниот турнир, кој од година во година добива се’ поголема репутација. Покрај домашните, македонски боксери, учество ќе земат боксери од уште 13 држави: Италија, Романија, Молдавија, Полска, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Србија, Турција, Австрија и Словенија.

– Добиваме се’ поголем публицитет, не препознаваат по квалитет, па и се’ повеќе учесници се пријавуваат и земаат учество на овој турнир. На пример, медиумски покровител на настанот е Арена фајт каналот, кој ќе го пренесува во живо финалниот меч. Очекуваме дека и ова година се’ ќе биде во ред, а петгодишниот јубилеј следната година да го прославиме уште помасовно. Тоа секако зависи и од финансиската помош од општината, се надеваме дека ќе се зголемат средствата кои се издвојуваат за одржувањето на овој турнир, кој се покажа како репрезентативен за Куманово, истакна Самет Салиевски, координатор на турнирот и селектор на боксерската репрезентација.

Организатор на турнирот е Боксерскиот клуб „Куманово-84“ со поддршка на Боксерската федерација на Република Македонија. (Крај)

извор: kumanovonews.mk фото: kumanovonews.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука