ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Доза убавина во пресрет на Спасовден: Манастир „Св. Спас“ Горно Лакочереј, Охрид (Фото)

Охрид, 12. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Манастирот „Вознесение Христово“, кај народот познат како „Св. Спас“, се наоѓа на околу 2 до 3 километри северозападно од охридското село Горно Лакочереј.

Сегашната манастирска црква, која потекнува од крајот на XIX век, по својата градба, претставува развиен крст, впишан во квадратна основа, а во средишниот дел се издига купола. Градена е во нововизантиски стил од делкан квадратен бигор, вѕидуван во полиња што се вметнуваат по четири тули, создавајќи впечаток на полихрoмија. Радијално поставените камења формираат лачен
венец, а во полето на аркадата од камен и тула е изведен украс opus reticulatum. Од јужната страна е изградена припрата.

Манастирскиот комплекс во поново време е целосно реновиран – конаци, трпезарија, кујна и друго. Се наоѓа во богат планински шумски предел, обраснат со борова шума. Тој е еден од најубавите манастирски комплекси во Република Македонија. Дека се работи за постаро културно место, чија историја може да се следи уште од османлискиот период, говорат повеќето икони и неколку исто риски извори. Имено, во Зографскиот манастир „Св. Ѓорѓи“ на Света Гора – Атонска, од досегашните проучувачи означен како „Третиот поменик на Зографскиот манастир“, а се однесува на периодот од 1527- 1728 година, се спомнува и манастирот во селото Лакочереј, јеромонахот Јосиф и монахот Јона.

Во поменикот на Слепченскиот манастир „Св. Јован Продром“, Демирхисарско, кој денеска се чува во Народната библиотека во Софија, на листот 23-б. се спомнува манастирот „Св. Спас“ над селото Лакочереј и јеромонахот Јосиф. Од посебно значење е што Слeпченскиот поменик започнува со наведување на Охридсккиот архиепископ Прохор (1520- 1550).

Селото Горно Лакочереј за прв пат се споменува во пописот на охридскиот санџак во 1582 година, кое се наоѓа во Охридската нахија, под реден број 16. Во тоа време имало 8 христијански семејства, 3 самци и 43 лица, како и 4 муслимански семејства, 2 самци и 22 лица или вкупно 65 жители. (Крај)

извор: Манастир „Св. Спас“ Горно Лакочереј фото: Манастир „Св. Спас“ Горно Лакочереј/Robert Mileski

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука