Избор

Виолинистката Милена Тодороска Мургоски со демант на вест објавена на Facebook профилот на ООМУ „Методи Патче”, пренесена на OhridPress

Охрид, 13. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со објавената вест на OhridPress – Младиот охридски виолинист Виктор Србиноски настапи на традиционалниот концерт „Младите доаѓаат“ (Видео), од 7-ми јуни 2024 година, денеска со реакција се јави Милена Тодороска Мургоски, виолинист и музички педагог, вработена во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Согласно законските норми, демантот го објавуваме во целост:

Барам јавен демант од страна на музичкото училиште „Методи Патче“, по произнесената неточна и невистинита информација во врска со настапот на младиот виолинист Виктор Србиновски за кој пишувате дека е првиот ученик кој застанал како солист на сцената со Македонската Филхармонија, во историјата на постоењето на музичкото училиште.

Во прилог ви доставувам програма и потврда за мојот настап пред 21 година како најмладиот и прв ученик кој бил репрезент на музичкото училиште од Охрид со симфонискиот оркестар при Националната Македонска Филхармонија.

Барам јавно извинување од страна на колективот односно директорот и неговите најблиски соработници кои ја одржуваат FB страната, бидејќи одбија сами да ве известат за нивниот пропуст еве јас го правам тоа и верувајте не поради мене-јас сум веќе реализирана личност со богато CV, туку најмногу поради задкулисното погазување на пред се’ повозрасните колеги, во случајот мојот наставник Мухамед Бајрам, кој е се’ уште во работен однос во таа институција и кој го потврдил овој факт за мојот настап и притоа без да ме исконтактираат лично бидејќи ме познаваат, се дрзнуваат да го погазат и прикријат тој факт наметнувајќи се за да добијат на публицитет.

Навистина невкусно за едно младо раководство кое не се ни потрудило да направи проверка на податоци кои ги има во архивата на училиштето како и затајувањето на информации кои се од клучно значење на постоењето на институцијата.

Со почит,
Милена Тодороска Мургоски, виолинист и музички педагог, вработена во ДМБУЦ „Илија Николовски -Луј“ Скопје, која своите почетоци и контакт ги прави во ООМУ „Методи Патче“ во класите на проф. Методија Бараковски и Мухамед Бајрам и искрено се радува што по точно 21 година ученикот Виктор Србиновски ја врати истата радост и сјај во училиштето со неговиот настап на сцената заедно со оркестарот при Македонската Филхармонија.

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука