Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден на крводарителството

Охрид, 14. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 14-ти јуни секоја година се одбележува Светскиот ден на крводарителството.

Во 1868 година, на денешен ден е роден Карл Ландштајнер, истакнат лекар, биолог и биохемичар, кој ги пронајде крвните групи и резус-факторот на крвните групи и чија чест се одбележува овој ден.

– На овој ден искажуваме искрена благодарност, признание и почит на сите оние хумани луѓе, крводарители кои несебично и без резерва ја покажале својата хуманост дарувајќи крв, но и до екипите на Трансфузиолошката служба, вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и сите оние поединци, фирми, институции кои вложија труд, креативност и средства за поддршка и помош во реализација на крводарителските акции. На сите овие чинители ги поврзува една иста, многу значајна благородна и хумана работа-сите тие со својот ангажман придонеле да се спасат човечки животи. Продолжуваме со нашата хумана мисија со апел до нашите сограѓани да останат хумани, да даруваат крв, бидејќи за живот се работи, информираат од Црвен крст Охрид.

Ја најавија и нивната следна крводарителска акција која ќе се реализира во среда, на 19-ти јуни 2024 година, во компанијата „Костал“ во Охрид, во периодот од 09:00 до 13:00 часот, која ќе има за цел да ги задоволи потребите за крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во Охрид.

Крводарителството во Република Македонија се темели на принципите на доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурна крв и крвни продукти. Со самото дарување крв, крводарителот изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност. Не постои похуман и поблагороден чин од доброволното дарување на крв и спасување на човечки живот.

Хуманоста и подготвеноста на крводарителите да даруваат крв спасува многу животи и го прави побезбедно нашето општествено опкружување. Тие се пример на луѓе кои целиот свој живот ја негуваат и промовираат солидарноста преку споделување на дел од себе за подобро здравје и среќа на други луѓе на кои им е потребна поддршка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука