Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

УХМР: Следи период на многу топло време, од денеска портокалово ниво на опасност

Охрид, 20. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Република Македонија од денеска ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР).

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

– Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од денеска насекаде ќе биде активно портокалово ниво, стои во соопштението од УХМР.

Владата на Република Македонија, на барање на Министерството за здравство, донесе препораки во врска со новиот топлотен бран што се очекува од утре да ја зафати целата држава. Од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека до недела, 23-ти јуни 2024 година, целата територија на Република Македонија ќе биде зафатена од топлотен бран од портокалова фаза.

Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука