Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Два дена дружење, спорт и забава: 5. издание на планинско-езерскиот Фестивал на планината и езерото

Охрид, 22. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Авантуристичкиот клуб Mountain Madness по петти пат организира незаборавен викенд со многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање – Фестивал на планината и езерото.

Авантурата започнува денеска со велосипедска тура околу Охридското Езеро и на локации покрај езерото. Оваа тура се организира со цел да се одбележи денот на Охридското Езеро (21-ви јуни).

– Денеска, после 17:00 часот ќе го подигнеме кампот во месноста „Корита“. Со поддршка од НП „Галичица“ ќе подготвиме логорски оган, секако под надзор на екипа од охридската Пожарна. Сите кои ќе присуствуваат на кампот треба дс поседуваат, шатор, камп опрема, челни ламби, средства за заштита од комарци и крлежи. Уживајте под ведро звездено небо. Во недела предвидено е искачување на „Магаро“ со старт во 08:00 часот од „Липова ливада“. Во 12:00 го напуштаме врвот и се спуштаме на плажа. Апелираме до учесниците да се заштитат од сонцето и да поседуваат соодветна планинарска опрема. Напомена, секој учесник оди на своја одговорност и сам одговара за своите постапки, информираат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука