Здравје Избор ТОП ВЕСТИ

Здравје: Истражување открива дали јадењето месо ни помага или одмага да живееме подолго

Охрид, 24. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Често добиваме совети да го намалиме внесот на месо за да избегнеме срцеви заболувања и дијабетес. Во исто време, десетици илјади луѓе се свртуваат кон веганството со надеж дека тоа ќе им помогне да живеат поздрав и подобар живот.

Сепак, се’ поголем број студии доаѓаат до истиот заклучок дека и покрај приказните кои се залагаат за целосна апстиненција од месо, консумирањето месо всушност ја зголемува веројатноста дека ќе живееме подолго. Конкретно, можеби ќе имаме подобри шанси да живееме до 100 години.

Во последниот труд, објавен во списанието JAMA Network Open, кој ја поддржува оваа теза, објавени се резултатите од проучувањето на исхраната на 5.200 луѓе, вклучително и 1.500 стогодишници од Кина. Било откриено дека оние кои јаделе поразновидна исхрана, вклучително и месо, имале 23 отсто поголеми шанси да станат стогодишници во споредба со нивните врсници кои се придржувале на порестриктивна диета.

Јадењето на сите девет групи на храна ги зголемува вашите шанси за долговечност

Просечната возраст на учесниците била 94 години, главно биле жени и живееле во речиси сите кинески провинции. За да се измери различноста во исхраната, учесниците биле анкетирани секоја година од 1998 година за тоа колку често јадат девет групи на храна: житарки, зеленчук, овошје, соја и нејзините производи, јајца, месо, риба, млеко и млечни производи и масло.

Резултатите покажале дека оние кои ги јаделе сите девет групи на храна имале поголема веројатност да доживеат 100 години. Анализата, исто така, покажа дека непушењето и физичката активност ја зголемуваат веројатноста некој да доживее старост. Образованието, брачниот статус и консумирањето алкохол во подоцнежниот живот имале мало или никакво влијание врз тоа колку долго живее некој.

Месо да, но не црвено

Месото се смета за одличен извор на протеини за градење мускули и голем број други есенцијални хранливи материи, како што е витаминот Б12. Месото е исто така богат извор на железо, кое им помага на црвените крвни зрнца да носат кислород низ телото. Сепак, научниците предупредуваат на ризиците од прекумерното консумирање месо, особено црвеното месо.

Претходните студии го поврзуваа секојдневното консумирање црвено месо со поголем ризик од рак на дебелото црево, додека одделни трудови исто така го поврзуваа консумирањето црвено месо со поголем ризик од срцеви заболувања и мозочен удар.

Научниците велат дека е важно да се консумираат и зеленчук и јаглехидрати бидејќи содржат влакна и неопходни хранливи материи за организмот, како што е магнезиумот. Значи, балансирана исхрана, која вклучува месо, риба, овошје и зеленчук, е најдобра за долг и здрав живот. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука