Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Црква „Св. Троица“: Денес со вострог се радуваме заради „роденденот на нашата Црква“

Охрид, 23. јуни 2024 (ОХРИДПРЕДС) – Денес, славно празнувајќи, неискажливо се радуваме заради слегувањето на Светиот Дух, денес со вострог се радуваме заради „роденденот на нашата Црква“.

Со овој поздрав до верниците, денеска се огласија од црквата „Св. Троица“ во Охрид.

– Зашто денес, воден од бескрајната Своја љубов кон Синот, Духот Свети, Кој исходи од Отецот, со бесконечна послушност брза да ја исполни желбата на Синот и слегува над апостолите. Духу Свети, Утешителу, Кој си насекаде и се исполнуваш, дојди и всели се во нас, зашто Ти си живот вечен, Ти си сокровиште на сите добра, Ти си слава неискажлива, Ти си надеж непоколеблива, Ти си радост бескрајна и светлина незалезна, порачаа во пораката.

Православните христијани денеска го чествуваат празникот Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден). На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Црквата „Св. Троица“ е македонски православен храм во Охрид, која се наоѓа во северниот дел на градот, во населбата „Радојца Новичиќ“, во местото викано „Дебело Поле“. Таа е парохиска црква на Осмата охридска парохија. Осветена е на 15-ти јули 1990 година, а забележано е дека најактивен и најзаслужен човек за изградбата на оваа црква бил Јордан Петрески, работник од Охрид, по потекло од селото Црвена Вода. Осветувањето и светата Лигургија тогаш ги водеше Митрополитот г.г Тимотеј, заедно со Митрополитите Петар и Стефан. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Црква „Св. Троица“

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука