Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Слегување на Светиот Дух – Педесетница (Духовден)

Охрид, 23. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денеска го чествуваат празникот Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден).

На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Житие

Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.

Тропар

Благословен си, Христе Боже наш, Кој рибарите ги направи премудри ловци, испраќајќи им Го Светиот Дух, и преку нив ја улови вселената. Човекољупче, слава Ти.

Кондак

Кога Севишниот слезе и ги измеша јазиците, тогаш ги раздели народите; а кога ги разделуваше огнените јазици, сите луѓе ги повика на единство, и сите заедно Го славиме Сесветиот Дух. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука