Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети апостоли Вартоломеј и Варнава (Вртолум)

Охрид, 24. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-ОА денеска се слават светите апостоли Вартоломеј и Варнава, првиот е еден од 12-те врховни апостоли, а вториот од останатите седумдесет.Светиот апостол Вартоломеј

Еден од Дванаесеттемина големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил по се’ изгледа се две имиња за едно лице. Заедно со Светиот апостол Филип и со сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со Св. Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички. Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабожците ја чуваа во храм во Ерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, слеп четириесет години. Овде на нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст Филип и Вартоломеј – Вартоломеј го распнаа со главата надолу. Тогаш затресе земјотрес во којшто загинаа злите судии и многумина од народот. Гледајќи во тоа казна Божја, мнозина притрчаа да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип беше веќе издивнал, додека Вартоломеј се’ уште беше жив. Потоа отиде во Индија, каде што го проповедаше и на индиски јазик го преведе Евангелието на Матеј. По ова прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но братот на царот, Астијаг, завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст. Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата во Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег. Бидејќи од неговите мошти стануваа многу чуда, незнабожците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. А водата го донесе ковчегот до Липарските острови, каде што епископот Агатон, по откровение во сон, го дочека и го погреба во храмот. Свети Вартоломеј му се јави, облечен во бели ризи, на Св. Јован Песнопоец в црква и го благослови со Евангелието за да пее духовни песни: „Нека потечат од твојот јазик водите на небесната мудрост!“ Му се јави уште и на царот Анастасиј (491-518 година) и му рече дека ќе му го чува новосоѕиданиот град Дари. Подоцна моштите на овој голем апостол беа пренесувани во Беневент, па во Рим. Од нив стануваа големи и страшни чуда.

Тропар

Апостоли свети, молете Го милостивиот Бог, да им даде прошка на гревовите на душите наши.

Кондак

Ти си бил севистински служител на Господа, како прв од седумдесетте апостоли; твојата проповед си ја озарил со Павла, на сите возвестувајќи им Го Спасителот Христа: Поради тоа, Варнаво, твојот спомен со песни го славиме.

Светиот апостол Варнава

Еден од Седумдесеттемина. Роден на Кипар од богати родители од племето Левиево и заедно со Савле се учеше кај Гамалиил. Се викаше прво Јосиф, но апостолите го завикаа Варнава, Син на Утехата, зашто вонредно умееше да ги теши човечките души. Кога Савле се обрати, тој прв го внесе меѓу апостолите. Потоа со Павле и со Марко го проповедаше Евангелието во Антиохија и по други места. По с ? изгледа тој прв проповедаше и во Рим и во Милано. Пострада на островот Кипар од Евреите и Марко го погреба на западните порти од градот Саламина со Евангелието на Матеј на градите, коешто самиот рачно го препиша. Неговиот гроб остана непознат неколку векови, но со оглед дека многумина добиваа исцеленија на тоа место, се нарече „место на здравје“. Во времето на царот Зинон, кога беше Халкидонскиот Собор, апостолот му се јави на Кипарскиот архиепископ Антим, и тоа трипати во три ноќи, и му го објави својот гроб. Ова стана токму во времето кога властољубивиот патријарх Антиохиски Петар бараше Кипарската Црква да биде под власта на Антиохиската столица. Но по јавувањето и откривањето на чудесните мошти на Светиот апостол Варнава беше востановено Кипарската Црква, како апостолска, да биде самостојна занавек. Така настана автокефалијата на Кипарската Црква.

Тропар

Апостоли свети, молете Го милостивиот Бог, да им даде прошка на гревовите на душите наши.

Кондак

Ти си бил севистински служител на Господа, како прв од седумдесетте апостоли; твојата проповед си ја озарил со Павла, на сите возвестувајќи им Го Спасителот Христа: Поради тоа, Варнаво, твојот спомен со песни го славиме.

Обичаи за Св. Вартоломеj во Охрид и Охридско

Во некои наши краишта овој ден се смета за тежок празник поради што не се работи никаква работа.
Како што запишал Ефтим Спространов во Охридско, Св. Вартоломеј бил познат како Вртолум и од тој ден сонцето се вртело кон зима и за тоа многу жалело. Го вртеле дванаесетте апостоли, а и тие, исто така, многу жалеле зашто се завртувало кон зима.

Во Дебрца пак на Вртолум голем собир се правел во месноста Сливовски Анови каде што се собирал народ не само од Дебрца, туку и од Копачијата, од Кичевско, Дебарско, Струшко и други места. (Крај)

извор: МПЦ-ОА/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука