Здравје Избор ТОП ВЕСТИ

Здравје: Промена во исхраната може да доведе до зголемување на тежината и срцеви заболувања

Охрид, 16. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Многу од нас се свесни за важноста да внесуваме доволно протеини во исхраната. Протеините се состојат од амино киселини кои се неопходни за градење и обнова на мускулите и коските, а помагаат и во создавањето на хормони и ензими и можат да се користат како извор на енергија.

Иако е точно дека треба да вклучиме протеини во нашата исхрана, дел од медицинските лица излегоа со предупредувања кога станува збор за обидот да се зголеми внесот на протеини. Зборувајќи за BBC Morning Live, докторот Xand van Tulleken ги повика луѓето да бидат внимателни за видот на протеинот што го консумираат. Прво, тој советуваше дека е од суштинско значење да се одржува постојан внес на квалитетни протеини бидејќи телото се бори да ги складира – за разлика од мастите или јаглехидратите.

Сепак, тој вели дека храната за која се тврди дека има повеќе протеини не е секогаш најздравата опција. Тоа е затоа што многу од нив се всушност ултра-обработена храна. Ова може да значи дека секоја здравствена придобивка од конзумирање дополнителни протеини се спротивставува со консумирање ултра-обработена храна.

Ултра-обработената храна е поврзана со зголемување на телесната тежина и други здравствени проблеми

– Луѓето зборуваат за висококвалитетни протеини, но тоа е помалку важно прашање. Она што е поважно е во каква храна се додаваат. Многу често, храната со додадени протеини е ултра-обработена храна, така што има многу други нездрави состојки, објаснува д-р Tulleken.

Додава дека јадењето ултра-обработена храна е поврзано со зголемување на телесната тежина и други здравствени проблеми, вклучувајќи проблеми со цревата, срцеви заболувања, дијабетес и многу повеќе.

– Ултра-обработената храна обично содржи повеќе од една состојка која никогаш или ретко можете да ја најдете во кујната, посочува Tulleken.

Исто така, содржи многу адитиви и може да вклучува конзерванси, емулгатори, засладувачи, вештачки бои и ароми. Покрај тоа, ултра-обработената храна често содржи високо ниво на заситени масти, сол и шеќер.

Мажите треба да јадат околу 55 грама протеини дневно, а жените 45 грама

Д-р Tulleken го искористи примерот на јогуртот, кој во својата природна форма има многу здравствени придобивки, вклучувајќи го и тоа што е добар извор на протеини. Сепак, рече дека на многу купени јогурти често им се додаваат засладувачи, бои и згуснувачи.

– Ако изедете само еден, тоа веројатно нема да ви наштети, но редовното консумирање може да има негативни резултати за вашето здравје. Протеините се направени од синџири на аминокиселини, а ние сме околу 20 проценти протеини. Протеините се одговорни за многу функции, од градење мускули до крвни садови до мозочни клетки, вели д-р Tulleken.

Истакнува дека природни извори на протеини се гравот, мешунките, рибата, јајцата и непреработеното месо. Затоа, треба да се избегнува, или барем да се ограничи користењето на шунка, сланина, колбаси и другите преработки од месо. Мажите треба да внесуваат околу 55 грама протеини дневно, а жените 45 грама. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука