Македонија

Кривична пријава за дадилката која малтретирала дете

Скопје, 10. септември 2015 (ОХРИДПРЕС) – СВР Скопје – Одделение за малолетничка деликвенција и семејно насилство поднесе кривична пријава против Т.С.(61) поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“.

Пријавената во периодот од мај до 1-ви септември годинава во Скопје, додека била ангажирана како негователка задолжена за грижа за животот, здравјето и негувањето на 9-месечно дете, го малтретирала и грубо се однесувала.

Таткото на 9 месечното дете ненајавено влегол во домот и ја забележал Т.С. како со рака по лицето го удира, но не изреагирал, сметајќи дека можеби се работи за негов превид. Наредните денови поставил видео камера во својот дом со цел да го заштити своето дете и да утврди како за него се грижи пријавената. Од снимката забележал како негователката го малтретира и тепа детето, грубо се однесува кон него, со викање, навредување, штипење за рацете, грубо тресење во релаксаторот и во раце, тегнење на ушите и други облици на грубо однесување.

Таткото поднел Записник за прием на пријава. Видео материјалот е одземен и даден за вештачење во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.

По извршен разговор со пријавената Т.С., таа го негирала извршувањето на кривичното дело. (Крај)

извор: МВР фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука