Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Со богослужба и народен собир денеска се празнува во црквата „Св. Богородица Захумска“

Охрид, 4. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – „Св. Богородица Захумска“ (Заум) е средновековна црква лоцирана на источниот брег од Охридското Езеро, на потегот помеѓу селата Трпејца и Љубаништа.

На околу 20 километри од Охрид, на брегот на езерото, во подножјето на планината Галичица и во непосредната близина на рибарското село Трпејца, сместена е на тешко пристапно место под карпестиот гребен на Галичица наречен Голем Осој (висок 1.005 м.н.в.) веднаш непосредно на самиот брег до водите на Охридското Езеро на надморска височина од 695 метри.

Над црквата од исток се издигнуваат стрмни карпи, додека пред црквата во непосредна близина на запад се наоѓа и местото со најдлабоката точка на Охридското Езеро. До црквата се стигнува само по воден пат со чамец. Во поново време за потребите на изградбата на манастирскиот конак е пробиена и пешачка патека долга околу 30-тина минути која се искачува по гребенот и одејќи низ шумата се спушта до самото езеро, при што последните стотина метри мора да се пешачи во езерските води. Поради близината, црквата спаѓа во атарот на селото Трпејца, чии жители водат грижа за неа, а моментално и работат на изградба на конакот крај самиот храм.

Во поново време обновена е традицијата да се богослужи во овој манастир на 4-ти јули, ден по празникот посветен на Св. Наум Охридски Чудотворец, и на 21-ви септември на празикот на Рождеството на Пресвета Богородица кога е доста посетен од страна на жителите на селата Пештани и Трпејца како и од жители на Охрид. Во црквата секоја година на 4-ти јули, ден по летниот празник на Св. Наум Охридски Чудотворец, покрај богослужбата се одржува народен собор и прослава со кум од селото Трпејца при што се дели посен ручек.

Легенда и предание за манастирот Заум

За настанокот и изградбата, а воедно и како толкување на името на манастирот Заум, меѓу народот постои легенда која е широко распространета како предание, кое според Марко Цепенков го знаеле сите охриѓани, а која подоцна исто така ја запишал и современиот собирач на македонски народни легенди Апостол Поп-Јовановски. Според легендата, многу луѓе се обидувале да ja измерат длабочината на Охридското Езеро, но никој не успевал да стигне до дното.

Некоја жена, која била царица, три години предела конец и заминала со чамец на сред езерото за да ја измери неговата длабочина. Но, наеднаш мирното и тивко езеро како да сакало да ја одврати во намерата, та се разбеснило и разбранило со бранови високи како планини кои се заканувале да го превртат и потопат чамецот на царицата и нејзината придружба. Царицата се уплашила и паднала на коленици да се моли на Бога да ја избави од разулавеното езеро, ветувајќи дека ќе изгради манастир на местото на кое што ќе ја избави од езерото. Штом го дала тоа ветување, брановите започнале да се намалуваат и езерото да се смирува, со што жената довеслала до брегот, каде рекла „Е уште еднаш ЗА УМ нека ми биде ова, што ми требаше да го мерам езерото“ и дала заповед на тоа место да се направи еден манастир кој го нарекла Заум, поради големиот страв што го преживеала така да го гледа и да памети оти ќе се удавела.

Преданието вели, дека манастирот стои на брегот под стрмните карпи кај најдлабокиот дел од езерото „за ум“ на секој човек што ќе оди таму да се чува и да не влегува во него. (Kрај)

извор: Охрид 1 фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука