Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ИЈЗ со препораки за заштита на децата и доенчињата од високите температури и Сонцето

Скопје/Охрид, 18. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Доенчињата на возраст под 6 месеци треба да се чуваат подалеку од директна сончева светлина, стои во препораките на Институтот за јавно здравје за заштита на децата и доенчињата од високите температури и Сонцето.

– Избегнувајте користење крем за сончање. Младата кожа на бебето нема способност да метаболизира и излачува хемикалии кои често се наоѓаат во кремите за сончање. Облечете го бебето во лесна сончева облека – заштитна облека што дише и ги покрива рацете и нозете. Секогаш заштитувајте ги главата, лицето, ушите и вратот на вашето бебе со капа со широк обод и/или чадор. Бебето кое носи капа во првите неколку месеци ќе се навикне да ја носи. Користете очила за сонце со UVA/UVB заштита. Очите се погодени од изложеноста на зраците на UV зрачењето. Прошетајте рано наутро пред 10:00 часот или после 17:00 часот и користете светлобојна количка со заштитна покривка од сонце. UV-апсорбирачки заштитен слој за прозорци во автомобилите, стои во препораките за малите деца од 0 до 6 месеци.

За оние на возраст од 6 до 12 месеци важат сите методи на заштита објаснети погоре, но, сега, може да се вклучи употребата на креми за сончање.

– Одберете крем за сончање наменета за детска кожа во консултација со Вашиот лекар или фармацевт. Нанесете крем за сончање со широк спектар со минимум 30 фактор на сончева заштита, особено местата непокриени, како што се рацете, вратот, ушите и нозете на бебето. Што е најважно, кремот за сончање мора да се нанесува 30 минути пред да излезете надвор и повторно да се нанесува на секои два часа или по пливање или прекумерно потење, стои во препораките за оваа категорија.

За децата на предучилишна возраст се препорачуваат сите методи на заштита објаснети погоре.

– Заштитата на малите деца од Сонцето бара малку повеќе размислување и труд. Важно е да гo едуцирате вашето дете и старателите. Проверете го просторот на отворено каде што вашето дете игра за да се уверите дека има соодветна сенка. Погрижете се малите деца да бидат покриени. Облеката од памук со долги ракави, светлобојна, удобна, а истовремено и високозаштитна, стои во препораките на ИЈЗ. (Крај)

извор: ИЈЗ фото: ИЈЗ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука