Охрид, 21. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во градот Нант, Франција, познат уметник во плитките делови на плажата своевремено изработи огромна змија во плитките делови на морето во близина на вливот на Лоара.
Официјално наречена Serpent d’océan, оваа скулптура е со должина од 130 метри и беше завршена во 2012 година од страна на Huang Yong Ping, француски уметник роден во Кина. Скулптурата моментално е изложена во уметничката галерија на Estuaire.
Се сеќавате ли на најдолгата охридска „Јагула“ на Сергеј Цингулоски?
Скулпторот Сергеј Цингулоски во далечната 2010-2011 година ја создаде најдолгата скулптура во светот „Јагула“, долга неверојатни 174,8 метри, составена од 50 делови по повод 50-от јубилеј на фестивалот „Охридско лето“, а како дел од изложбата „Угоре високо, удоло длабоко-Гола вода“.
Скулптура официјално беше отворена во јули 2010 година, а беше поставена во водите на Охридското Езеро, кај „мостот на желбите“ и плажата „Потпеш“.
Скулптурата на јагулата беше изработена од 50 дрвени делови, во специфична техника од кои секој симболизира по една фестивалска година. Нејзината должина, која тогаш беше измерена ласерски изнесуваше 174,8 метри, а беше тешка околу 2 тони.
Авторот Сергеј Цингулоски работеше на уметничкото дело скоро една година, а по завршувањето на изложбата беше предадена во сопственост на градот. Во септември 2011 година истата беше поставена на потегот кај плажата „Куба Либре“, но за жал набрзо беше оштетена од страна на неодговорни поединци.
Скулптурата требаше да влезе во Гинисовата книга на рекорди, но како што своевремено изјави авторот, до тоа не дојде затоа што англичаните ги сменале пропозициите и за да се регистрира како светски рекорд требало да биде изработена целосно, а не во делови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ТвМ/WebOhrid