Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Одговорните апелираат до граѓаните да не палат огнови на отворен простор за да се избегнат пожари

Охрид, 22. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пoради сѐ позачестените регистрирани пожари на подрачјето на СВР Охрид во кои е опожарена нискостеблеста вегетација, депонии, стрништа, од Секторот апелираат до граѓаните, посебно до земјоделците и другите лица кои работат или се движат на отворен простор, да не палат огнови, од кои лесно и брзо може да избувнат пожари од големи размери и да предизвикаат значителна имотна и материјална штета.

– Предизвикувањето пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни пријави. Ќе бидат вклучени сите расположливи капацитети и опрема што може наменски да се користат за контрола, превентива и заштита на шумите од пожари, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем. Со цел поефикасна превенција, рано предупредување и спречување пожари на отворен простор и во шумски предели, на целото подрачје се реализираат работни средби со претставници на Противпожарните единици, на Шумската полиција и подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на јавните претпријатија „Национални шуми“, надлежните државни инспекторати, раководителите на Дирекциите за заштита и спасување и регионалните Центри за управување со кризи и на претставници од службите во локалните самоуправи, информираат од СВР Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука