Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

„Синохидро“ ја повлече арбитражата пред Меѓународниот суд во Париз против ЈПДП, заштедени над 50 милиони евра

Скопје/Охрид, 24. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Министерството за транспорт на денешната седница на Владата на Република Македонија ја информира јавноста дека е постигната согласност со изведувачот на автопатот Кичево-Охрид, „Синохидро“ за да ја повлече арбитражата пред Меѓународниот суд за арбитража во Париз со кој беше оптужено Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

– На овој начин се заштедени над 50 милиони евра кои ќе беа потрошени доколку арбитражната постапка продолжеше, информираат од Владата на Република Македонија.

Министерот за транспорт Александар Николоски неодамна повтори дека ветувањето што го дале дека до крај на 2026 година ќе има функционален автопат Кичево Охрид ќе го реализираат и истиот ќе биде завршен.

Тој потенцира дека има бројни проблеми во однос на изградбата на делницата, на која се работи веќе цела деценија, што моментално се детектираат.

– Дел од проблемите се поврзани со експропријација, дел со проектирање на косини, дел со објекти на самата траса, пред сѐ бензиски пумпи што треба да се дислоцираат, рече Николоски.

Делницата од 57 километри се гради веќе 10 години, со две влади, а и понатаму останува една од топ-темите на жителите на овој дел на државата. Низ годините лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука