Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

До МОН пристигнале над 2.100 пријави за сместување во студентските домови, во Охрид на располагање се 242 легла

Скопје/Охрид, 30. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Над 2.100 електронски пријави пристигнале до денеска во Министерството за образование и наука од студенти од втора до шеста година додипломски студии и од апсолвенти за сместување во некој од студентските домови низ државава во учебната 2024/2025 година.

Конкурсот беше отворен на 15-ти јули и истекува утре на полноќ. За оние што ќе бидат запишани во прва година на студии, аплицирањето ќе биде од 10-ти до 17-ти септември 2024.

Од МОН очекуваат дека утре ќе пристигнат голем број пријави, можеби и околу 500, со оглед на искуствата од минатите години дека за аплицирање се чека последниот ден. Сметаат дека ќе има легла за кандидатите што ги исполнуваат критериумите наведени во конкурсот, согласно кој за студенти од втора до шеста година студии и за апсолвенти на располагање се вкупно 3.269 места во сите домови во државава. Покрај нив, со конкурсот се предвидени и 1.034 легла за бруцоши, за кои конкурсот ќе биде во септември, односно за сите студенти заедно на располагање се вкупно 4.303 кревети во 11 студентски домови во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово.

Во Државниот студентски дом „Никола Карев“ во Охрид на располагање се вкупно 242 легла. Од нив 48 се за бруцошите, додека преостанатите 194 се за студентите од втора година па нагоре. Заклучно со утре, 31-ви јули можат да се пријавуваат студентите од II година и повисоките години, додека пак студентите од I година ќе се пријавуваат од 10-ти до 17-ти септември.

Согласно конкурсот, право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години. Исто така, право на прием имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и слично, односно: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори.

Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот, уште денеска и утре пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на овој линк.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи сè до пополнување на истите, но најдоцна до 30-ти ноември. Конкурсот заедно со сите потребни документи за аплицирање за сместување во студентските домови е објавен на следниот линк, потенцираат од Министерството за образование и наука на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука