Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Меѓународен едриличарски тренинг-камп во Охрид како најава за Ohrid Water Festival 2024

Охрид, 16. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од вчера во Охрид се одржува Меѓународниот едриличарски тренинг-камп во организација на клубот „Акватика Јахтинг“ како најава за второто издание Ohrid Water festival 2024.

На тренинг-кампот, покрај домашните едриличарски клубови „Акватика Јахтинг“ од Охрид и ЕК „Снегар“ од Струга, ќе учествуваат и едриличари од Србија, САД и Турција кои ќе минат низ заедничка тренинг програма, теоретска и практична, во насока на дополнителен развој на едрењето во нашата земја.
Регатното поле за одржување на трките е од потегот пред хотел Палас до градското пристаниште.

Едриличарскиот тренинг-камп ќе биде заокружен со Меѓународната едриличарска регата која традиционално во организација на „Акватика Јахтинг“ ќе се одржи на 22-ри август, а на која се очекува учество на повеќе од 50 едриличари од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Турција и САД.

Богата спортска, забавна и социјално-едукативна програма е најавена за второто издание на Ohrid Water Festival што ќе се одржи од 23-ти до 31-ви август.

Од 23-ти до 31-ви август ќе се одржи второто издание на Ohrid water festival

Ќе има пливачки митинг, веслачка, кајакарска регата, суп трка за деца, Акватлон 2024, подводна навигација, Меѓународен ревијален ватерполо турнир, регата со традиционални охридски кајчиња, „Меч рејс“ Европски куп, Балканско јуниорско првенство на отворени води, а како заокружување на годинашното фестивалско издание ќе биде традиционалниот Охридски пливачки маратон на 31-ви август.

Во рамки на социјално-едукативната програма ќе се одржат неколку изложби, за музичкиот дел, меѓу другите ќе бидат задолжени Емилија Колоска и „Балтер“, Наум Петрески, Милован Секулоски и група „Сарај“, потоа „Суперхикс“, диџеите Chvare и Goce Saf, а концерт ќе одржи хорот на „Златно славејче“ и учениците од ОМУ „Методи Патче“. Сите настани ќе се одржуваат пред платото на хотел „Палас“, а деталите околу денот и часот на одржување може да се најдат на веб страницата ohridwaterfestival.mk.

Првото издание лани поминаа успешно, а сите настани од социјално-забавниот дел на манифестацијата привлекоа големо внимание кај публиката. Организаторите се надеваат дека така ќе биде и годинава. (Крај)

извор: ОхридПрес/Екипа фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука