Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

АРМ денес слави 32 години од формирањето, централна свеченост во Охрид

Охрид, 18. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за обука на вода во Охрид, денеска со почеток во 10:00 часот, во присуство на највисокиот воен и државен врв ќе се одржи централната свеченост по повод 18-ти Август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање.

Процесот за формирање на современата македонска Армија, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија. Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.

Според најавите, на присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Силјановска Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

– На свеченоста ќе се изврши и церемонија на примопредавање на должност началник на генералштабот на Армијата како и обраќања на досегашниот началник на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и новопоставениот началник на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, соопштија од Министерството за одбрана.

На свеченоста се поканети премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, дипломатскиот кор во Република Македонија.

Во периодот од 09:30 до 12:00 часот, денеска ќе биде во прекин пловидбата по каналот „Студенчишта“. Прекинот е поради предвидените активности на просторот кај Центарот за обука на вода. од СВР Охрид апелираат, граѓаните да ги почитуваат мерките што ќе ги спроведуваат инспекторите за пловидба од Капетанија на пристаништа во Охрид и полициски службеници од СВР Охрид и Езерската полиција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука