Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва сите „Над Езерото“, Охридски вински салон за доближување на македонскиот вински идентитет

Охрид, 24. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот ресторан „Канео“ од годинава, започнува со организација на настанот „Над Езерото“ – Охридски вински салон 2024.

Основната идеја на ресторан „Канео“, како промотор на винската култура годинава има нов предизвик, да ги сплоти сите најзначајни македонски винарии и да го доближи македонскиот вински идентитет на домашната и странската публика.

– На прекрасната сцена „Долни Сарај“, вечерва, сабота, 24-ти август 2024 година, свое претставување ќе имаат 30-тина винарии и дестилерии. Настанот е наменет за сите љубители на вино, како и претставници на ХОРЕКА секторот, кои ќе имаат можност за дегустација, едукација и размена на контакти. Покрај македонските винарии и дестилерии на настанот ќе земат учество македонските локални производители на храна и претставници на Slow Food, а свој настап од 21:00 д0 23:00 ќе има Агни Авшар квинтетот, информираат организаторите.

На настанот посетителите ќе имаат можност за дегустација на вино во кристалните чаши на брендот Riedel. На самиот влез на настанот ќе треба да изнајмат чаша, по цена од за 200 денари од чаша, кои ќе им бидат вратени по завршување на нејзината употреба.

Влезниците на настанот може да се купат во ресторан „Канео“ и JazzInn, по цена од 1.000 денари во претпродажба, односно 1.200 на денот на настанот. Со купена влезница за настанот ја добивате можност за неограничена дегустација на вино, вински дестилати и храна.

Охридскиот вински салон „Над Езерото“ ќе трае од 18:00 до 00:00 часот, а сите заинтересирани резервации можат да направат на телефонот 078/201-491. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука