Скопје/Охрид, 10. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вовчето „Пампурче“ било произведено во далечната 1917 година. Има локомотива, два патнички и по еден товарен и сточен вагон.
Своевремено, до 1952 година, сообраќало на релација Скопје-Охрид. Патувањето траело близу 20 часа, а се движело со брзина од 8 до 9 километри на час. Подоцна, до 1972 година, „Пампурчето“, кое е од германско производство, било туристичка атракција и превезувало патници од Градскиот парк, преку Ѓорче Петров, до селото Глумово.
Денес, вовчето или она што е автентично останато од него, кое сообраќало на теснолинејката на релација Скопје-Охрид, до селото Ташмаруништа, струшко, како експонат стои во паркот во Ѓорче Петров, близу местото каде што била некогаш железничката станица „Ѓорче Петров“.
Втората парна локомотива е пред железничката станица во Кичево. Двете достоинствено им се инаетат на годините и потсетуваат на некогашното свое „златно“ време.
Екпонатот на вовчето во Ѓорче Петров кој во моментов е во лоша состојба е отстапен од „Македонски железници“, кои го репарираа и го зачуваа. Тоа долго стоело во депото на „Македонски железници“, а во 2007 година, по барање на Општина Ѓорче Петров, било префрлено на денешната локација, под дебелите сенки во паркот.
Вовчето денес стои како еден вид експонат, кој е од големо историско значење. (Крај)
извор: vecer.press фото: vecer.press