Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охриѓанката Анастасија Милеска со нејзиното гитарско дуо „Дениција“ денеска ќе настапи во Шведскиот парламент во Стокхолм

Скопје/Охрид, 17. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонското гитарско дуо „Дениција“ денеска ќе настапи во шведскиот Парламент, како дел од активностите за прослава на 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

Охриѓанката Анастасија Милеска и Александар Андријевски ќе свират дела од македонски композитори. „Дениција“ настапува по покана на македонскиот амбасадор во Стокхолм, на настан организиран од парламентарната група за шведско-македонско пријателство во која членуваат пратеници од сите партии застапени во шведскиот Парламент, јави порталот сдк.мк.

– На програмата ќе се најдат дела од композиторите Панде Шахов, Дарија Андовска, Ангел Спироски, Ана Пандевска, Филип Иванов и Вања Николовски-Ѓумар. Композициите се дел од нашиот проект за збогатување на македонското творештво за класична гитара и се искомпонирани за нашето дуо, велат од дуото „Дениција“.

Анастасија Милеска и Александар Андријевски биле во гитарската класа на професорот Дарко Багески, во средното музичко училиште „Илија Николовски- Луј“. Милеска е охриѓанка која основно музичко училиште заврши во класата на проф. Александар Крстаноски во ОМУ Методи Патче во Охрид. (Крај)

извор: сдк.мк/М.Џаровска фото: Нова Македонија

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука