Македонија

Актерот Блум го посети бегалскиот камп во Гевгелија

Гевгелија, 30. септември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Амбасадорот на добра волја на УНИЦЕФ, Орландо Блум, неочекувано го посетил Транзитниот камп и разговарал со бегалците во Гевгелија.

Познатиот актер, Орландо Блум, кого филмската публика го познава од бројни филмски хитови, вчера на изненадување на македонската јавност, ја посетил Гевгелија, за да се сретне со мигрантите и бегалците во Транзитниот камп.

Како амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ од октомври 2009, Блум, во делот од своите активности, посетува критични места во светот, погодени од војни или од атмосферски непогоди. За време на посетата на Транзитниот камп покрај пограничниот град Гевгелија, се распрашувал за причините поради кои избегале од своите земји, за односот кон нив, на властите и на обичните граѓани во земјите низ кои поминувале.

Како дел од својата почесна функција, Блум особено се интересирал за проблемите и судбината на децата бегалци, најголемите жртви на егзодусот од Сирија, но и од другите воени жаришта од светот, кои, преку Турција и Грција, стигнале во Македонија, на нивниот пат кон Западна Европа. (Крај)

извор: VOA фото: VOA

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука