COVID-19 ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Во ноември во Охрид регистрирани 884 нови случаи на COVID-19, 57 е најголема бројка за 24 часа

Охрид, 2. декември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на месец ноември во Охрид биле регистрирани вкупно 884 нови позитивни случаи на COVID-19.

Од 1-ви заклучно со 30-ти ноември битката со вирусот ја добиле 480 пациенти, а за жал починаа 36 лица меѓу кои и еден случај на 35 годишна возраст.

Најмногу новозаболени за 24 часа, вкупно 57, беа регистрирани на 20-ти ноември, а најмногу оздравени, 57 во третата недела од 16-22 ноември.
Месецов беше зголемен и притисокот врз Општата болница со хоспитализации, се примаа пациенти со тешка клиничка слика, а голем беше бројот и на помлади пациенти. Од околу 70 пациенти хоспитализирани на почетокот на ноември, кон средината бројката порасна на 100, па достигна и до 111 пациенти згрижени во болнички услови, за деновиве да „падне“ на 95.

Покрај на инфективното одделение и геријатрија, на интерното одделение и во капацитетите кои се ослободија по преселбата на хирушките амбуланти каде се хоспитализирани COVID-19 пациенти, беше приспособено и нервното одделение.

До крај на годинава Охрид ќе ја добие модуларната болница

Директорот на охридската болница неодамна најави дека до Нова година во Охрид треба да биде поставена најавената модуларна болница за зголемување на капацитетите за згрижување на пациенти со COVID-19, а како локација е избран просторот позади одделението за геријатрија.

COVID-19 не ги поштеди ни здравствените работници, досега во охридско-струшкиот регион починаа тројца. Како последица на компликации предизвикани од коронавирусот, деновиве почина познатиот охридски хирург специјалист по ортопедија Драган Спасески-Охридски, а вчера во Струга почина врвниот хирург специјалист д-р Владимир Кочоски. Претходно, кон крајот на септември животот го загуби медицинската сестра Дијана Димоска.

Според статистичките податоци, моментално во Охрид има 604 активни случаи на коронавирус. Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 62.945, бројката на оздравени пациенти е 40.188, на починати е 1.792, а бројот на активни случаи изнесува 20.965. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука