COVID-19 ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Струга ТОП ВЕСТИ

Комеморација во чест на д-р Владимир Кочоски: Нашиот д-р Владимир беше суперхерој кој на пациентите им ја враќаше вербата во животот

Струга, 2. декември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во струшката болница се одржа комеморација во чест на познатиот хирург-специјалист д-р Владимир Кочовски, кој вчера почина како последица од компликации од вирусот COVID-19.

Со тажни лица, медицинските работници од Струга, д-р Кочоски го опишаа како голем човек со големо срце, оптимист, хуманист кој цел свој живот го посвети на хуманоста и во текот на својата успешна кариера спаси и продолжи многу животи, јави порталот Strugaonline.

-Нашиот доктор Владимир со својот посебен карактер, високите морални вредности и борбата за секој човечки живот испиша историја во неговата Струга. Тој беше пример за лекар, татко, сопруг, колега и пријател. Голем број пациенти ќе го паметат како свој супер-херој, како човек кој им ја вратил насмевката и вербата во животот. За жал не можеше да биде супер-херој во борбата со злото со кое се бореше до последна капка пот и до последен здив. Денеска сме лути на суровоста, на животот и на судбината. Знаеме дека од утре ништо нема да биде исто не само за нашата здравствена установа, нема да биде исто ниту во нашите животи, велат од болницата во Струга.

Доктор Владимир Кочоски е роден 1960 година во Струга. Дипломирал и специјализирал на Медицинскиот факултет во Скопје. Со својот професионален пристап кон медицината придонесе многу за развој на здравствениот систем во Општина Струга како и за подигнување на авторитетот и угледот на болницата.

-Беше неуморен, мудар, правичен и многу посветен на работата. Остави неизбришлива трага во колективната меморија на македонското здравство. Изразуваме жалење до неговото семејство за оваа огромна загуба и сочувствуваме со нив во овие моменти на огромна тага, додаваат неговите колеги кои комеморацијата ја завршија со зборовите:

-Доктор Владимир Кочоски е како sвезда на небото, додека даваше светлост на своите пациенти, не успеа да ја зачува светлината на својот живот. Драг колега, ти благодариме за се’!

Освен колегите, на доктор Кочоски вечно благодарни му остануваат многу пациенти кои за него имаат само пофални зборови. (Крај)

извор: Strugaonline фото: Strugaonline

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука