Охрид, 8. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро порасна за два сантиметри во однос на изминатите два дена, но и натаму е далеку од просекот за февруари.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,35 м.н.в, што е за 14 сантриметри под просекот за февруари (693,49 м.н.в), односно 25 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода измерена утрово е 7. степени, за половина степен повисока од месечниот просек.
Водостоите кај најголем дел од реките се пониски од просечните и бележат благо зголемување или намалување во споредба со вчера. Единствено нивото на реката Сатеска, на мерното место кај Ботун, е речиси три пати повисоко од вчера, но сепак е скоро двојно пониско од повеќегодишниот просек за овој период од годината.
Во Охрид денес променливо облачно и постудено време.
Максималната температура во Охрид ќе се искачи до 4. степени.
– Денеска ќе дува засилен, повремено силен северен ветер (локално над 70км/час), а претежно во планинските подрачја ќе провејува слаб снег. Дневната температурата ќе опадне за 3 до 5 степени. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со пораст на дневната температура, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР