Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Пецаков: Општина Охрид, „Водовод“ и „Билјанини извори“ веќе немаат договори со добавувачи на електрична енергија, Владата нема слух за помош

Охрид, 22. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид и јавните претпријатија „Водовод“ и „Билјанини извори“ веќе немаат договори со добавувачи на електрична енергија, не знам како ќе функционираме без Владата да има слух и да им помогне на локалните самоуправи, вели градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Компаративно декември 2020 во однос на 2021 година „Водовод“ имал 2 милиони денари за струја, наспроти 6,5 милиони денари, така што претпријатието е на работ на егзистениција. Сепак, градоначалникот вели дека не е доведено во прашање снабдувањето со вода за пиење.

– Ние сме во дилема дали како во комунизмот да имаме рестрикции на вода или воопшто да нема вода, или вработените да не може да земат плата. Погубни бројки посебно за „Водовод“ каде приходот е околу 10 -11 милиони денари месечно, а од нив само 6,5 милиони за струја тешко дека би се издржало. Во овој период резервоарите се полни со вода заради нивото на врнежи и пумпите помалку работат, но во лето овие сметки се очекува да бидат минимум десеткратно поголеми, истакна Пецаков.

ЈП „Билјанини извори“ во декември 2020 година платило 82.000 денари за струја, а во декември 2021 година е 600.000 денари. Сметките пак на општина Охрид соодветно биле 329.000 со 1.500.000 денари.

Јавен повик за интерес за учество на претставник на граѓанските организации како набљудувач во комисијата за евалуација на предлог проекти од ReLOaD2 проектот

Останатите јавни претпријатија имаат договор со добавувач до април/ мај, па дотогаш нормално ќе функционираат, по што би се соочиле со потешкотии во исполнување на основните обврски.
Градоначалникот Пецаков вели дека ЗЕЛС, каде членува во управниот одбор, веќе направил некои чекори и очекуваат итна седница на која ќе бидат примени сите членови на одборот да се разгледа што може реално државата да помогне.

– Ние не мора да бараме дури ни субвенции доколку Владата е подготвена вистински да не води низ процесот на децентрализација и да ги зголеми средствата што во текот на една година ги добиваме како поврат од државата, додаде Пецаков.

Потенцира дека и покрај енергетската криза она што е планирано за годинава во однос на проекти ќе биде реализирано, додека ако ситуацијата продолжи и наредната година ќе биде тешко, бидејќи најголем дел од средствата ќе одат за подмирување на сметките за струја. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука