Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Владата усвои антикризни мерки за намалување на трошоците во јавниот сектор

Скопје, 16. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Како дополнување на 26-те антикризни мерки, Владата усвои таргетирани мерки и препораки за намалување на трошоците во јавниот сектор.

Со овие мерки сите буџетски корисници и единки корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10% и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21-ви март.

Мерките за рационализација забрануваат започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.

Владата ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата, за 50% да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила задолжително.

Сите буџетски корисници и единки корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство.

Владата ги задолжи јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15% и за тоа да ја известат Владата во рок од 15 дена. Согласно оваа мерка, јавните претпријатија основани од државата и АД во државна сопственост треба ги преработат своите финансиски планови и инвестициони програми и да ја информираат Владата во рок од 15 дена.

Владата им препорачува на регулаторните тела, на единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините, да ги следат донесените владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.

Буџетските корисници и единките корисници со овие мерки се задолжени до крајот на 2022 година, а на општините, јавните претпријатија, регулаторните тела, АД во државна сопственост и останатите субјекти во јавен сектор им се препорачува да ги почитуваат донесените антикризни мерки и да се воздржат од помалку суштинските расходи. (Крај)

извор: Влада на РМ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука