Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Јаневски: Турците ќе ги заменат руските и украинските туристи

Скопје, 21. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Годината ќе биде тешка за туристичкиот сектор, сè поизвесно е дека руските и украинските туристи нема да ги имаме и ќе се фокусираме на туристите од регионот и од Западна Европа, изјави за весникот „Вечер“ Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

– Состојбата во Украина создаде дополнителна неизвесност во туристичкиот сектор кој се залечува од корона кризата и полека започна да ги покажува првите знаци на опоравувањето пред се во регионот. Добрите резултати од минатата година од 2,3 милиони ноќевања и 385,5 милиони долари прилив од туризмот и угостителството во македонската економија продолжија и со позитивните резултати за месец јануари 2022 година. Во периодот кој е пред нас се очекува поголем број на туристи од регионот и Турција кои се традиционални за велигденските празници и да започнат одредени организирани групи на туристи веќе во средината на месецот мај. И покрај лимитираниот буџет на Агенцијата ќе стартуваат кампањи во Србија, Полска, Косово, Албанија и Турција, а се очекува и повеќе медиуми да не посетат и во соработка со нас да го помагнат зголеменото присуство на македонските туристички потенцијали во странските медиуми и интернет канали на информирање, изјави Јаневски.

Јаневски за српска Политика: Неопходна е авионска врска помеѓу Белград и Охрид

Гостите од Холандија, Белгија, Полска, Англија се очекуваат во почетокот на јуни месец и во поголем број од 2021 година.

– По короната, ова е уште еден удар за македонскиот туризам. Ситуацијата е многу загрижувачка, особено поради фактот што во туризмот имавме многу можности со повторно воспоставените авиоконекции со Украина и со Русија. Оваа година се фокусиравме на овие пазари, но поради војната во Украина, сè падна во вода. Годинава имавме многу договорени туристички тури и очекувавме повеќе туристи токму од Украина и од Русија. Но, со конфликтот се наметнаа санкции, стопирање на летовите, што, секако, е голем удар за туризмот и за економијата воопшто, изјави Јаневски.

Чартер линиите од Истанбул за Охрид и новата линија од Измир за Скопје се потврда дека турските туристи ќе бидат присутни кај нас во претстојната туристичка сезона.

Во 2019 година имавме 3,2 милиони ноќевања. Во 2021 година успеавме да го постигнеме и да го надминеме стратешкото планирање од 2,2 милиони ноќевања, односно имавме 2,4 милиони ноќевања, а со тоа и 385 милиони долари прилив во буџетот од туризам. Оваа година очекуваме помалку кружни тури за сметка на аранжманите од три, пет и седум дена. Во мај, јуни и јули очекуваме во Македонија да пристигнат туроператори од земјите од Блискиот Исток, кои потоа ќе ја нудат државата како дестинација во нивните аранжмани.

Јаневски смета дека воспоставувањето на авионска линија Белград- Охрид е многу значајно во текот на сезоната, од мај до октомври, а исто толку значајна е авионската линија Софија- Скопје која ќе почне да функционира од 27-ми март.

Тој ги повика сите туристички работници заеднички да работиме до целта од 2,5 милиони ноќевања и повеќе од 400 милиони долари во македонската економија од туристичко угостителскиот сектор. (Крај)

извор: Вечер фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука