Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Во сабота промоција на збирката есеи „Пат покрај патот“ од Славе Ѓорѓо Димоски во кафе и бар Shilla

Охрид, 29. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, на 2-ри април 2022 година, со почеток во 18:00 часот, во кафе и бар Shilla во Охрид ќе се одржи промоција на збирката есеи „Пат покрај патот“ од Славе Ѓорго Димоски.

Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Димитар Пандев, а модератор на настанот Јулијана Величковска.

„Пат покрај патот“ е четврта книга есеи од Ѓорѓо Димоски. Има пет циклуси, во кои се поместени дваесет есеи на различни културолошки теми, но јадрото на книгата го сочинуваат патописни есеи инспиративно поттикнати од неговите патувања во повеќе земји. Во книгата се прави синтеза помеѓу два жанра: патописот, во кој се забележани впечатоци од остварени патувања, и есејот како жанр што овозможува и своевиден поглед на виденото, доживеаното, но и оставените цивилизациски траги во времето.

Другите есеи се на културолошки теми што предизвикале интерес кај авторот во последните петнаесетина години. Во последниот дел се претставени две подолги интервјуа именувани како интервјуа-есеи во кои се образложени поетичките погледи на Ѓорѓо Димоски врз сопственото поетско творештво.

Славе Ѓорѓо Димоски е автор на повеќе поетски книги за возрасни и деца, деветнаесет му се преведени на различни јазици, добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, и е застапен во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени по 1982 година.

Настанот ќе биде организиран според актуелните препораки на Владата и Министерството за здравство за заштита од Covid-19. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука