ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид Приказни од животот ТОП ВЕСТИ

Тодороска: Желбата да имам за себе уникатно парче ме натера рачно да изработувам накит, во последно време зголемен е бројот на ракотворци

Охрид, 17. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанката Билјана Тодороска создава накит и модни додатоци во техниката сутаж, техника на спојување на конци, со помош на шиење, при што се вментуваат камчиња, разни монистри, бисерчиња и други материјали.

Талентот за рачни изработки го има од детството, во нејзиното семејство се изработувале традиционални везови, а потребата да има уникатно парче накит за себе, ја натерало да се занимава со оваа работа. Во тоа ѝ помагаат и нејзините деца, а особено е горда на новата линија модни додатоци Brillo girl. Со Билјана разговаравме за почетоците, сутаж техниката, најспецифичните нарачки кои ги добила, но и за вреднувањето на рачните изработки.

Супер радио: Рачно изработувате накит и други модни додатоци. Кажете ни, од каде талент за ваков начин на изразување?

Тодороска: Талентот најверојатно го имам од детските денови кога во моето семејство се изработуваа традиционални везови и така и јас самата научив да ги изработувам, со помош на мојата мајка. Потоа со текот на времето потребата да имам за себе прво некое уникатно парче накит ме натера сама да експериментирам и да си изработам парче за себе. Како што почнав да изработувам накит со материјали што ги имав во мојот дом, полека се заинтересирав и почнав да се надоградувам, да внесувам сé повеќе нови материјали и да продолжам да изработувам сé посложени парчиња накит. Така во моето истражување ја сретнав и техниката „сутаж“. Потекнувала од Русија, според она што можев да го дознаам, но јас ја најдов и сличноста со нашите традиционални носии. Има голема сличност во начинот на изработка и тоа ме поврза и со она што претходно веќе го знаев и така почнав да ја изучувам оваа техника. Изучувањето ми беше од интернет, гледав видеа, почнав оттука да учам, ми беа потребни неколку месеци за делумно да совладам, а потоа со многу труд, работа и посветеност можам да речам дека целосно ја совладав.

Супер радио: Значи веќе долги години го работите ова. Што најчесто изработувате?

Тодороска: Рачно изработувам накит околу 13 години, а на сутажот сум посветена во последните 8 години. Најчесто изработувам накит, но на барање на моите клиенти почнав да изработувам и декоративни предмети, сé според нивната замисла.

Супер радио: Трпеливоста е можеби најважна во оваа работа. Колку време одзема да се изработи парче накит и од каде црпите енергија?

Тодороска: Сутажот е една мошне деликатна специфична техника што бара голема посветеност, внимание, прецизност, а пред сé многу љубов и трпение. Но, желбата да направам нешто убаво, уникатно, специфично можеби ми е најголем мотив да изработувам. За да се изработи едно поголемо парче накит потребни се и до 20 часа активна работа. Во моите изработки ги вклучив моите деца и мојата асистентка Кики, тие се талентирани за фотографија, за некои други изработки и сето тоа го вклопуваме заедно и добиваме завршен производ.

Супер радио: Од каде ги набавувате материјалите и колку е тоа лесно или тешко во денешно време?

Тодороска: На почетокот еден од најголемите проблеми со што се соочив беше набавката на материјали, тоа е една посебна потрага, одзема многу време. Но, сега е поинаку, сега е многу подостапно. Со оглед на тоа што често патувам за Турција, оттаму ги набавувам и материјалите, исто набавувам и од Авганистан полудраги камења, но во последно време често користам материјали од природата, разни камчиња и предмети. Од она што ни останува како неискористен материјал, ние, со моите асистентки, решивме да ги употребиме тие материјали и да создадеме една нова колекција на брошеви што ги нарековме Brillo girls и што станаа многу популарни во последно време. Со оглед на тоа што ги изработуваме според професијата, изгледот и карактерот на нарачателот, барани се од сите генерации.

Супер радио: Покрај дарбата, потребно е и надоградуавање со идеи. Како го правите тоа?

Тодороска: Секако дека е потребно надоградување со нови искуства и знаења. И покрај тоа што и самата држам работилници и обуки, често се случува да посетувам работилници и на моите колеги, да размениме мислења, да се стекнам до нови знаења, а многу често и посетувам базари, саеми и секако многу комуникации имаме со моите колеги и секогаш разменуваме идеи.

Супер радио: Каде ги претставувате Вашите изработки?

Тодороска: Често учествувам на изложби и базари, а имам организирано и две самостојни изложби. Првата беше пред седум години, во Галеријата на Куќата на Робевци, а втората во Спомен домот „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Супер радио: Кои биле најинтересните, специфични нарачки досега и како може да Ве исконтактираат заинтересираните?

Тодороска: Нарачките ми се голем предизвик и најчесто е оставено на мојата имагинација да се изработи нешто, а најголем предизвик ми е кога сум ограничена со време, тука нема простор за грешка, мора сé да биде совршено за кратко време. Најчесто сум во мојот дуќан, во старата охридска чаршија, каде може да се види и процесот на самата изработка, а исто така преку социјалните мрежи, на Facebook како Biljana’s handmade jewelry и на Instagram како biljanas_handmade_jewelry.

Супер радио: Дали денес или порано повеќе се ценеа рачните, уникатни изработки?

Тодороска: Огромна е разликата од времето кога почнав да изработувам до сега. Порано многу малку изработувавме и малку беше претставена нашата работа, изработките. Во последно време зголемен е и бројот на ракотворци, на базари, саеми, работилници, а со тоа се зголемува и интересот кај клиентите.

Супер радио: Вашите идни планови?

Тодороска: Моите идни планови се секако да продолжам со мојот бизнис, што неодамна го започнав, дуќанот го отворив лани во декември, да продолжам каде што застанав со изложбите, да одржам трета самостојна изложба и би сакала да ја одржам и мојата трета работилница за сутаж. Кај нас летниот период е многу поактивен, па е идеален за изложби, додека зимскито период е идеален за работилници, за такви некои базари и средби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Ве1

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука