ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Супер радио го одбележа 30. роденден, да чекориме со убава музика и во новите 30 (Фото/Видео)

Охрид, 8. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во присуство на бројни пријатели, деловни партнери и претставници на јавниот живот во Охрид и пошироко, синоќа во охридското „Форт кафе“, Супер радио го прослави 30. роденден и ги најави новите 30.

Полни 30 години Супер радио остана верно на своите основни начела на непристрасност, професионалност и грижа за околината од која потекна и израсна низ годините.

За развојот на медиумот зборуваа колегите, односно пригодниот говор го напиша сопственикот на OneMedia.mk Љупчо Таневски, а го прочита колешката Татјана Маленкова.

– Токму медиумите во изминатите 30 години претрпеа најголема трансформација. Колку за илустрација Супер Радио почнало да емитува програма кога во медиумите уште се снимаше детската емисија „Бранко Коцкица“, се емитуваа вестите на ЈУТЕЛ, се купуваа весници, постоеја видеотеки и филмови се гледаа на VHS касети, а доколку сакаш да слушаш радио надвор од дома ти беше потребен транзистор. Сигурно помладите половина од ова што го кажав не знаат ни што е, бидејќи денес детски емисии се гледаат на YouTube, вестите се примаат од портали, филмови се гледаат на Нетфликс, а радио се слуша на апликација. Токму затоа на почеток реков, дека за промените кои се случуваа во минатите 30 години, а се случуваат и денес, порано требале три века, а ние ги видовме во еден наш живот. А како е да се „остане жив“ во време на така брзи промени? Како да опстане еден медиум во време на толку брзи технолошки промени кои треба да се следат на дневно ниво? Е токму тоа е умешноста која во пракса ја покажа Супер Радио, напишаа колегите за Супер радио.

На настанот се обрати и сопственикот на Супер Радио Сашо Митаноски, како и најпознатиот охридски радио водител Жанко Зш Голабоски, кој емотивно се присети на луѓето од радиото кои заминаа во вечноста, односно Дџ Пантер и Дџ Бруце.

За забавата синоќа се погрижија уште едни мајстори со кои Супер радио растеше и соработуваше годиниве наназад – легендарниот охридски бенд „Камелеон“.

Урбана приказна која продолжува. Сите заедно да бидеме СУПЕР и во следните 30. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука