ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнува одбележувањето на патрониот празник „Св. Климент Охридски“

Охрид, 6. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со повеќе настани, Општина Охрид и годинава ќе го одбележи патрониот празник на градот „Св. Климент Охридски“.

Денеска, вторник, 6-ти декември 2022 година ќе започне одбележувањето во Прличевата одаја при НУ Библиотека „Григор Прличев“, каде д-р Наум Целакоски и д-р Павле Митрески ќе бидат прогласени за почесни членови на Библиотеката. Настанот ќе започне во 12:00 часот. Истиот ден ќе се одржи и музички концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ од 17:00 часот во концертната сала на училиштето, по што ќе биде отворена изложбата „Охридскиот регион-универзален духовен и природен раскош“ од ученичката Нина Ангелоска во ОСУ „Св. Климент Охридски“ од 18:00 часот. Од 19:00 часот, на големата сцена во ЦК „Григор Прличев“ ќе започне свечената приредба на ООУ „Св. Климент Охридски“.

– На 7-ми декември 2022 година, од 12:00 часот, во големата сала на Општина Охрид ќе се одржи промоција на Книгата за светите браќа Климент и Наум од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо- Димоски, а во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во 19:00 часот ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“. На истата локација, половина час подоцна ќе биде отворена изложба на ученици од ОСУ „Св. Климент Охридски“. Традиционалната Свечена академија по повод Денот на Свети Климент Охридски ќе се одржи на големата сцена при ЦК „Григор Прличев“ од 20:00 часот, информираат од охридската локална самоуправа.

Во четврток на 8-ми декември предвиден е поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник од 10:00 часот, по што ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“, како и на споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад. Ќе бидат врачени и награди за најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид на Градски плоштад „Свети Климент Охридски“, од 12:00 часот.

Годинешните празнувања ќе завршат со настап на Македонски фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 17:00 часот.

Годинешен добитник на највисоката општинска награда – Патрон на градот „Свети Климент Охридски“ е Архимандритот Нектариј, игумен на Манастирот „Св. Наум Охридски“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука