Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид „мириса“ на Нова година: Започна новогодишното украсување (Фото)

Охрид, 14. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа започна новогодишното украсување на Охрид, кој и покрај сериозната економска криза во државата, ќе биде украсен за Новогодишните празници.

Наскоро ќе биде објавена програмата и изведувачите што ќе ги забавуваат охриѓани и гостите на Градскиот плоштад за дочекот на највеселата ноќ.

– Од синоќа Градскиот плоштад е веќе украсен, а ќе имаме посебна изјава кога ќе ја највиме дводневната програма. Ќе има забава за дочекот на 31-ви декември и на 1-ви јануари од 12:00 часот за охриѓани и сите посетители, рече денеска градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Неодамна тој истакна дека Охрид е туристички град, и покрај енергетската и економската криза, нема да трпи ниту украсувањето, ниту забавата. Тој откри дека тендерот е минимален и дека градот ќе биде украсен и ќе изгледа добро за празниците. Предвиден е и скромен настан на Градскиот плоштад со охридски изведувачи, кои ќе ги забавуваат туристите, а деталната програма ќе биде објавена наскоро.

Охрид веќе неколку години наназад го спроведува овој концепт за прослава на новогодишните празници. За тоа потпомогна и Covid-19 кризата, која комплетно го смена начинот на кој се одбележуваат овие празници во најголемиот туристички центар во Република Македонија. Последен организиран концепт кој беше одлично прифатен од охриѓани и гостите беше проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ кој беше за прв пат имплементиран во 2017 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука