Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Уставните судии не расправаа за оспорената Одлука за Урбанистичкиот план за „Мауцкер“

Скопје/Охрид, 14. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Уставниот суд денеска ја одржа 40. седница, на чиј дневен ред беа шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

Поради отсуство од здравствени причини на судијата известител Осман Кадриу, два предмета беа повлечени од денешната седница. Судиите не расправаа и за иницијативата со која е оспорена Одлука за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер“, КО Долно Лакочереј – вон град, Општина Охрид, плански период 2013-2023, донесена од Советот на општина Охрид на 27.02.2015 година („Службен гласник на општина Охрид бр.2“ од 03.03.2015 година).

Подносителката на иницијативата смета дека оваа одлука е спротивна на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, бидејќи со Урбанистички план вон населено место, општината урбанизира простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2 – Лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија. Според наводите, Урбанистичкиот план за Долни Лакочереј вон град е спротивен и на членовите 6, 8 и 9 од Законот за управуваање на светското природно и културно наследство и обврската на државата за должна заштита на Охридскиот регион од активности кои можат да предизвикаат уништување и деградација на светското природно и културно наследство.

Подносителката наведува дека при донесување на оспорениот урбанистички план Општина Охрид не водела сметка дека индустриската зона се наоѓа на само 700 метри од црквата „Св. Еразмо“ – Светско културно наследство и 900 метри од Охридското Езеро (заштитено од УНЕСКО). (Крај)

извор: Уставен суд фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука