ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Струга ТОП ВЕСТИ Хроника

Ќе се спаси ли Мијалков и од „Титаник 2“? Денешното рочиште беше одложено откако тој не беше спроведен од затворот во Струга

Скопје/Струга, 22. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков денеска, 22-ри декември 2022 година, не беше спроведен на судење од затворот во Струга, со што се доведува во прашање епилогот на судењето за случајот „Титаник 2“, за злоупотреби и влијанија во Државната изборна комисија.

Во предметот се обвинети и лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Но, делото за кое се гони Мијалков – „примање награда за противзаконито влијание“, а поради учество во изборни нерегуларности на изборите во 2013 година, ќе застари за повеќе од четири месеци.

Судот има повратна информација од затворот во Струга дека таму стасала судската покана за Мијалков, кој ја издржува тригодишната затворска казна по признанието на вина во предметот „Империја“. Од затворот, пак, тврдат дека Кривичниот суд направил техничка грешка и наместо за денеска, наредбата за спровод на Сашо Мијалков била за 12-ти декември. Министерството за правда најавува дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба. Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни.

Техничка грешка?

Денешното рочиште беше одложено со образложение дека Мијалков, не е спроведен од затворот во Струга. Наредба за спровод била уредно испратена до Кривичниот суд, но и уредно примена од страна на Управата на затворот. Сепак, кога судиите прашале зошто Мијалков не е спроведен, добиле одговор дека не добиле наредба.

Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќуља, во изјава за медиумите вели дека станува збор за техничка грешка од страна на Кривичниот суд.

– Најпрвин примивме наредба за спроведување на осудениот Сашо Мијалков на 28 ноември, за одредено рочиште на 12 декември. По оваа наредба постапивме и го испративме Мијалков на рочиште. Оваа судско рочиште е одложено и потоа на 14-ти декември пристигна ново барање од Кривичниот суд за него, но и во ова барање датумот на судското рочиште е истото од претходното барање, значи 12-ти декември, вели тој.

На 8-ми март 2019 година Кривичниот суд го осуди поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на три години затвор. Според обвинението на СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица. Во декември 2019 година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.

Судските одлуки за Мијалков ја брануваат јавноста со денови. Апелацискиот суд на 16 декември информираше дека е донесено решение за укинување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и негово враќање на повторно постапување пред Основниот кривичен суд, што предизвика жестоки реакции. Образложението на Апелацискиот суд за одлуката беше дека „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка“. Апелациониот суд пред неколку недели ја укина и пресудата за „Трезор“ за набавката на британска опрема за следење на комуникации, каде што Мијалков првостепено беше осуден на осум години затвор и ја врати на повторно одлучување. (Крај)

извор: DW фото:P.Stojanovski/DW

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука