Живот Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Живот: И ова ќе помине

Во една далечна провинција во Кина живеел сиромашен човек кој го поминал животот работејќи најтешки работи, но и покрај тоа не стекнал никакво богатство. Сè што имаше беше единствениот син кој неизмерно го сакаше. Го научил синот да чита и пишува, го вовел во светот на калиграфијата и тоа било сето богатство што му го оставил кога умрел на длабока старост.

Младиот човек долго седел покрај креветот на својот татко, поминувајќи ги последните денови со него. Непосредно пред да почине, таткото извадил две кутии: едната црна, другата бела и му рекол на синот:

– За жал, синко, немам што друго да ти оставам освен овие кутии. Добро да се грижиш за нив. И запомни, ако еден ден ти е тешко, многу тешко во животот, отвори ја белата кутија. Црната ќе ја отвориш кога ќе се чувствуваш добро и кога ќе си најсреќен.

По смртта на таткото, младиот човек спакувал се’ што имал, ги зел двете кутии и тргнал во светот да ја бара среќата. Ги работел најтешките работи, спиел на улица… По неколку години таков живот, веќе бил многу уморен, несреќен и без никаква надеж за подобро утре. Земјата тогаш ја погодиле големи поплави, по кои следувала голема сиромаштија и глад. Младиот човек бил целосно беспомошен, без работа и храна. Едно утро се разбудил и открил дека некој му ги украл единствените работи што ги имал – чинијата со ориз, памучната кошула и два јуани. Младиот човек во момент на очај решил да се самоубие. За среќа, тогаш се сетил на двете кутии кои ги добил од неговиот татко.

Ја отворил белата кутија. Во неа немало ништо освен мало парче оризова хартија. Младиот човек го препознал ракописот на својот татко.

Пишувало: „Ова ќе помине!“

Не се самоубил, продолжил понатаму и се упатил кон блискиот град. На влезот во градот стоела цела колона неписмени луѓе кои не можеле да влезат низ градската капија, бидејќи никој не можел да прочита што пишува на големата табла на самиот влез. Младиот човек пришол, им прочитал на глас што е напишано и колоната помина. Помина и тој.

Неколку дена подоцна кај него дошол човек кој му кажал дека неговиот господар бара писар и дека слушнал од луѓето дека знае да чита и пишува. Се вработил и работел напорно. Бил награден и многу брзо купил куќа и се стекнал со значително материјално богатство.

Животот течел, а тој ги поминувал вечерите пиејќи чај во собите на својот прекрасен дом, разговарајќи со својата сакана или поминувал време со синовите, кои ги учел на комплицираните кинески знаци, читајќи го Конфучие и за прв пат во животот бил совршено среќен.

Една таква вечер, тој се присетил на целиот свој живот кој од најлоша мизерија прераснал до целосна среќа. Се сетил на својот очај, на желбата да умре, се сетил на својот татко. Се присети на другата кутија што му ја дал татко му.

Ја отвори црната кутија. Внатре имало завиткано мало парче оризова хартија. Го одмотал и со ракопис на неговиот татко било напишано:

„И ова ќе помине“.

ЖивоТ на OhridPress со најубавите и најинспиративните животни приказни и мудрости.

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука