Живот Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

ЖивоТ: Приказна за мравката

Не така одамна си живееше една мравка која секој ден прва доаѓаше на работа, а последна си одеше. Беше вредна, весела и среќна, сѐ додека одеше на работа. Пееше на работа, а резултатите од истата беа одлични.

Слушајќи ја песната на Мравката, г-динот Стршлен, директор на фабриката заклучи дека Мравката премногу се забавува, а премалку работи и дека нема права насока и надлежен кој ќе ја контролира, па ја вработи г-ѓата Буба Мара која имаше големо искуство со управувањето.

Прва задача на Буба Мара беше да ја организира евиденцијата на доаѓањето и одењето на Мравката од работа. За таа цел се воспостави цел систем на уреди и документација.

Со тек на времето бројот на документите се зголемил, како и трошоците за набавка на современи уреди за контрола, поради што морало да се вработи и друго лице за обработка на документите и потребните извештаи. Го вработиле Пајакот кој воспоставил мрежа на архивирање, како и повикување. А Мравката и понатаму работеше како и порано. Извештаите кои ги правеше Буба Мара беа одлични. И директорот беше воодушевен од нив. Наскоро почна да бара паралелни студии со графикони, анализи и движења на развојот… Да се задоволи барањето на директорот беше неопходно да се вработи и Мрмотот кој би бил директна помош на директорот. На него веднаш му купија нов компјутер со печатач.

Среќната и вредна Мравка работеше и понатаму како и порано, само што се пожали дека би ѝ било полесно ако добие компјутер. Но, нејзиното барање беше одбиено. Ова беше прв пат Мравката нешто да се пожали и затоа директорот Стршлен сфати дека е потребно најитно да се реагира. Креираше ново работно место за пратење на психо-социјалното однесување на Мравката.

На новото работно место го вработија Штурецот кој веднаш на своето работно место го смени стариот мебел и на барање доби уште ергономски обликувана фотеља со нов компјутер со рамен LCD екран. Бројката на компјутери растеше, па поради тоа мораше да се инсталира и мрежен сервер. Нововработениот сфати дека итно му треба помошник кој и порано бил негов помошник во претходната фирма, па за тоа ја вработија Стеницата. За сето тоа време Мравката стануваше сѐ помалку среќна, престана да пее, а продуктивноста ѝ се смалуваше сѐ повеќе. Пак бараше компјутер, но барањето ѝ го одбија.

Состојбата на Мравката го загрижи Штурецот и тој заклучи дека мора да нарача студија за задоволството на вработените во фирмата. Го запозна со тоа директорот и тој одобри да се ангажира за тоа кај специјална агенција за такви студии.

Скапата студија е направена и Штурецот веднаш почна да ги применува предложените мотивациони методи. Насекаде закачи мотивациони плакати. Ги водеше Буба Марата, Пајакот, Мрмотот и Стеницата на мотивациони тренинзи по најпознатите одмаралишта.

Мравката работеше понатаму, но сѐ повеќе безволно, а ефективноста на работата ѝ опаѓаше сѐ повеќе и повеќе. Ги читаше мотивационите пораки од плакатите и никако не можеше да ги најде надредените кога ќе ѝ затребаа. Едноставно беа на разни конгреси и семинари или немаа време за неа.

И така времето си течеше без промени.

Директорот и понатаму ги добиваше перфектните извештаи кои покажуваа дека фирмата не е рентабилна како порано и тоа многу го загрижуваше. Мораше да реагира. Го најми најелитното консалтинг-биро со кое раководеше господинот Був. Тие по три месеци изработија најпотполна анализа на организацијата на работата и заклучокот од неа беше дека во фирмата има премногу вработени.

Директорот со воодушевеност ја прифати стручната анализа и веднаш ја отпуштил МРАВКАТА.

Наравоучение 1:

– Никогаш немој да бидеш среќна и вредна мравка;
– Повеќе се исплаќа да си неспособен и да не работиш ништо.
– На неспособните не им требаат надзорници.
– Ако и покрај сѐ си продуктивен, никогаш не покажувај дека си среќен кога работиш бидејќи за тоа нема никакво оправдување.
– Ако, сепак, на секој начин сакаш да си мравка, направи си своја фирма и така не ќе мораш да работиш за разни стршлени, буба-мари, пајаци, стеници, штурци и бувови.
Но, тогаш нема да можеш да работиш како мравка бидејќи да ја одржиш фирмата ќе мора да се дружиш со разни бубамари, стршлени, оси, болви и вошки и ќе немаш време за работа.

Наравоучение 2:

– За жал, целата приказна се темели на универзитетските научни методи за истражување кои кажуваат дека поголем дел од луѓето тежнеат кон паразитски живот.

ЖивоТ на OhridPress со најубавите и најинспиративните животни приказни и мудрости.

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука