ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Струга ТОП ВЕСТИ Хроника

Најдески: Проблемот кај нас е решен, над 90 кучиња имаат добиено хуман третман, неофицијално се носат од други градови

Охрид, 11. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Проблемот кај нас е решен, еве денес има од фирмата да заловуваат кучиња. Неофицијално имаме инфо од граѓани дека се носат од други градови кучиња, но ние за тоа не сме надлежни, вели за OhridPress и Супер радио директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Сашо Најдески, по последните немили настани на каснувања на луѓе од кичиња скитници и убивањето на кучиња во Струга со огнено оружје.

– Имаме ангажирано преку тендер договор со ветеринарна амбуланта за хуман третман на кучиња. Тоа подразбира заловување носење во прифатилиште соодветен третман, вакцинација, чипирање, крвна слика, одреден период држење во прифатилиште и враќање на заловено подрачје ако има основ, тоа го проценуваат од амбулантата. Со стационарот, проектот треба да се одобри, Агенција за храна и ветеринарство треба да даде одобрение за стационар, меѓутоа кај нас се големи финансиски средства треба, преку ИПАРД програма е поднесен проект за добивање финансии, но уште нема ништо, реално многу далеку е решавањето. Меѓутоа кај нас преку фирмава се решаваат проблемите. Од прилика 90-тина кучиња имаат добиено хуман третман, вели Најдески.

Последните немили настани, кога граѓани на Охрид и Струга беа каснати од кучиња скитници повторно го враќаат во прв план овој проблем со кој се соочува целата држава, но и туристичките Охрид и Струга, каде и покрај декларативните изјави, проблемот на терен сепак постои.

Охридскиот активист Климент Арнаудов, на неговиот профил на Facebook повикува на решавање на овој сериозен проблем преку протести до одговорните органи.

– Љубители на животни од цела Македонија, активисти, луѓе, и натаму ќе пишиме жалопојки на Fascebook или ќе одиме здружно и сложно пред Општина Струга да излееме протестен изблик против грозоморието кое најверојатно ќе остане неказнето (а следејќи коментари на низа луѓе можно е и награда да му доделат на убиецот/убијците)? Воедно, стигаат информации дека и сношти истрели имало, напиша Арнаудов.

Во јавноста силно одекна и вчерашниот настан, кога со огнено оружје беа убиени повеќе кучиња скитници. Со официјална информација излегоа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи од Струга, од каде информираат дека е извршен е службен разговор со 62-годишниот М.З. од струшкото село Ливада.

– Тој се сомничи дека во периодот од 06:45 до 07:15 часот, на улицата „Владо Малески“ во Струга со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници. Од него, одземена е ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.

Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ испратија отворено писмо до министерот за внатрешни работи во Владата на Република Македонија Оливер Спасовски, а по повод последните случувања во Струга, кога со огнено оружје беа убиени голем број на бездомни кучиња. Од Здружението бараат Министерството за внатрешни работи (МВР) да реагира и да биде уапсен сторителот.

Веста за проблемот со кучињата скитници кои сепак остануваат стандарден „декор“ по охридските улици е меѓу топ темите во охридската јавност деновиве. Во битката за храна, изгладнетите бездомни животни најчесто се движат во група. Оваа глетка не смее да ни стане нормална. Мора да се изнајде институционално, хумано и одржливо решение. Во Охрид, кучиња најчесто се забележуваат на Градскиот плоштад, низ охридската чаршија и скоро низ сите улици. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука