Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Народна банка: Во последниот квартал од 2022 становите поскапеле за 20,6 отсто, цената на м2 во Охрид се приближува до онаа во Скопје

Скопје/Охрид, 15. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Становите поскапеле за 20,6 отсто, покажуваат податоците на Народна банка на Република Македонија за последниот квартал од 2022 година година.

Изградбата на нови продолжува, а општините тоа го гледаат како најлесен начин за полнење на буџетот и затоа од рака ги делат одобренијата за градење. Инвеститорите градат иако цените на градежните материјали одат нагоре, што се одразува и на цената на становите. Логиката вели – никој не би градел ако нема профит.

Во месец ноември 2022 година во Охрид биле издадени 9 одобренија за градба, објави Државниот завод за статистика. Од нив во три случаи инвеститор е физичко лице, а во шест правен субјект. Предвидена е градба на 29 станови, со вкупна корисна површина од 1.736 м². Во анализираниот период, во Струга се издадени 3 одобренија, сите на физички лица, додека во Дебрца нема издадено одобренија за градба.

Податокот на Народната банка покажува дека годишната стапка на раст во третиот квартал лани била повисока и изнесуваше 21,2 отсто, во вториот квартал беше 16,5 проценти, а во првото тримесечје 12,4 проценти. Двоцифрен раст имаше и во последниот квартал од 2021 година, е претходно растот на цените беше едноцифрен и се движеше од 2 до 6 проценти.

Во агенциите за недвижности велат дека цените на становите се движат од 1.800, 2.000 до 2.200 евра за квадратен метар во центарот и околу центарот на Скопје. Како што се оди подалеку, така и цените паѓаат и во општини подалеку од центарот е околу 1.100 евра за квадратен метар. И во Охрид становите стануваат се поскапи и се приближуваат до оние во Скопје, додека пак, во другите градови становите се поевтини. Од Агенциите коментираат дека после двете пандемиски години, понудата и побарувачката се зголемени и дека тоа е мошне избалансирано. (Крај)

извор: www.vecer.press фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука