ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Светиот крст годинава во рацете на охриѓанецот Васко Довлев (Фото)

Охрид, 19. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Васко Довлев годинава беше најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи кои утрво влегоа во водите на Охридското Езеро и излезе од езерото со Светиот крст во раката.

19-годишниот Васко за првпат го фаќа крстот, а вели дека се капи за овој ден уште од мал. Тој беше даруван со подароци од митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј.

– Едноставно ми дојде во рацете, чувствував дека е за мене. Посакувам многу среќа, љубов и здравје за сите, изјави младиот Довлев кој денеска, заедно со неговата тајфа ќе ги посетува домовите на охриѓани.

Силниот ветер, кој се зголемуваше како што манифестацијата доаѓаше до својата кулминација, не беше пречка за неколку изјади охриѓани, но и гости од целата земја и странство да бидат дел од манифестацијата.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ започна забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем“. Во организација на Црвен Крст истиот ден, во периодот од 09:00 до 15:00 часот се одржува традиционалната крводарителска акција во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат и утре, на Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука