Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Протест во Софија за поддршка на претепаниот Христијан Пендиков од Охрид

Охрид, 21. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска напладне пред зградата на Европската комисија во Софија ќе се одржи протест за поддршка на Христијан Пендиков кој беше претепан во Охрид.

– Правда за Христијан од Охрид! НЕ за дискриминацијата на Бугарите, е мотото на протестот. Настанот е строго неполитички и непартиски. Секој е добредојден како обичен граѓанин, објавија организаторите.

Во пораката додаваат дека „оваа ситуација е неподнослива“.

– Политичката класа, медиумите и академската заедница создадоа атмосфера на омраза и прогон на Бугарите. Сакаме итна реакција од бугарските институции, правата на Бугарите во Македонија се обезбедени и сторителите се казнети, Европските институции конечно да бидат гарант за правата на Бугарите, повикуваат организаторите.

Во меѓувреме, во Република Македонија институциите ја започнаа постапката за решавање на случајот. Полициски службеници од СВР Охрид, по преземени мерки и активности во координација со ОЈО Охрид за расчистување на случајот со физички напад врз 21-годишниот Х.П. од Охрид, пријавен на 19-ти јануари 2023 година, околу 22:30 часот, вчера ги приведоа лицата С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид.

– По целосно документирање на случајот до надлежното обвинителство во Охрид ќе биде поднесена кривична пријава, информираат од МВР.

Настанот доби големо внимание и во Република Македонија и во соседна Бугарија, чија Влада најави дека ќе го „евакуира“ тешко повредениот Христијан Пендиков, кој е секретар на културниот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, јави бугарската bTV.

Според истиот извор, за таа цел беше испратен владиниот авион со екипа од Воено-медицинската академија, двајца лекари и медицинска сестра за реанимација.

Нападот врз секретарот на клубот на бугарската заедница во Охрид, Христијан Пендиков го осуди и претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски.

– Ги повикувам надлежните институции да спроведат брза и темелна истрага, со соодветна одговорност и санкции за сторителите, порача претседателот Пендаровски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука