ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Поставена спомен плоча во чест на 400 загинати српски војници, убиени од Бугарите кај селото Рамне (Фото)

Охрид, 5. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Недалеку од Охрид, покрај патот што води до манастирот „Свети Наум“, кај селото Рамне и Билјанините Извори, во 1925 година, Момир Коруновиќ дизајнирал и подигнал голем четириаголен обелиск, изработен од бел мермер од Плетвар – Споменикот на 400 загинати српски регрути од Првата светска војна.

Порталот news1.mk јави дека на постаментот од споменикот е поставена табла со соодветен текст како потсетување дека станува збор за паметник на загинатите војници.

Наведено е дека спомен плочата ја поставуваат: Здружението за заштита и чување на српските споменици во Македонија и Воениот синдикат на Србија.

Денес на ова место стои само бетонски постамент, на кој некогаш стоел споменикот. Постаментот е нагризан од времето и денес воопшто не наликува дека бил дел од споменик.

Споменикот бил урнат од страна на Бугарите во време на Втората светска војна, кога бугарските војски го окупирале Охрид.

Овој тажен споменик го нарачал тогашниот Охридски епископ Николај (Велимировиќ), во спомен на маченичката смрт на четиристотините млади регрути кои Бугарите брутално ги избоделе и заклале кај селото Рамне во 1915 година. На врвот на споменикот, во овална вдлабнатина, бил втиснат релјеф на двоглав орел, со само два збора „Четиристотини – 1915“, а од десната страна „На загинатите во 1915 г. село Рамне“.

Бугарите го уништиле овој споменик во 1941 година. (Крај)

извор: News1.mk/ОхридПрес фото: news1.mk/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука